
ТВРДИ ДЕКА СЕ ШЕГУВАЛ: Ученик од Мириево направил список со деца кои сака да ги убие, веднаш реагирале сите надлежни
Ученик од Мириево кој го посетува основното училиште „Деспот Стефан Лазаревиќ“ денеска направи список на ученици кои сака да ги убие, пренесува Телеграф.
Белградската полиција приведе ученик од шесто одделение бидејќи кај него била пронајдена листа на ученици кои сакал да ги убие. До името на секој ученик напишал колку куршуми ќе испука во него.
Сè се случило наутро за време на 4-тиот час. Списокот го направил на час, предметниот наставник и класен раководител веднаш реагирале и го донеле ученикот во директорската канцеларија.
Веднаш биле известени родителите на ученикот, а набрзо во училиштето пристигнала и неговата мајка, а малолетникот во нејзино присуство напишал изјава во која тврди дека само се шегувал.
Воспитно-образовната работа со ученикот е започната, а на оваа тема класните раководители ќе разговараат со сите ученици.
