
Трговец со електрична енергија сеуште не сака да плати 5 милиони евра солидарен данок
Компанија која тргува со електрична енергија сеуште не платила солидарен данок од 5 милиони евра. Ова е највисокиот еднократен кризен данок кој не е платен и по изминување на законски определениот рок, брифираат од УЈП.
Веќе е познато дека досега најголемиот платен данок доаѓа од челичарницата „Макстил“, но во другиов случај станува збор за дополнително оданочување кое сеуште не е подмирено како обврска.
Компанијата должи 294,6 милиони денари, а рокот е пробиен од 25 октомври. Доколку до 24 ноември не биде уплатена сумата, ќе следува мерка – блокирање на сметката.
Од УЈП велат дека опомените на неплаќачите веќе им биле доставени, а главното оправдување од компаниите било дека немале доволно средства во моментот.
Вкупно 26 компании сеуште го немаат подмирено солидарниот данок, а висината што треба да ја платат е 726,6 милиони денари. Од нив, 12 се од Скопје.
Меѓу нив по две имало од дејнсотите коцкање и обложување, изградба на станбени и нестанбени објекти и продажба на санитарија и дрвена маса.
А.К.
