
Тошковски: Размислував за оставка по пожарот во дискотеката „Пулс“, но ме разубеди таткото на загинатиот полицаец
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека бил на чекор да поднесе оставка од морални причини по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но дека од таа одлука го одвратил таткото на полицаецот од Радовиш кој трагично го загуби животот во несреќата.
„Размислував во тој период да поднесам оставка и бев многу блиску да го сторам тоа. Но на погребот на полицискиот службеник кој загина, неговиот татко ми пријде пред неколку илјади луѓе и ми порача дека од самиот почеток внимателно ме следи. Ми рече дека гледа дека сум во тешка морална дилема, но дека најголема грешка за Македонија би било моето повлекување. Додаде дека тоа би било најлесното решение, но и најпогубното во тој момент, и дека очекува од мене максимална професионалност и посветеност во расчистувањето на овој случај и сите други криминали кои ја уништувале државата три децении,“ рече Тошковски.
Тој нагласи дека токму тој момент бил клучен за неговата одлука да остане на функцијата.
