
Тошковски: МВР и Обвинителството реагираат по пријава, а градоначалниците да ја работат својата работа континуирано
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска појасни дека МВР и Обвинителството постапуваат согласно пријавите за секој случај, вклучително и за дивоградбите и заканите по живот во општина Чаир. Во однос на надлежностите на градоначалниците, тој истакна дека тие треба да ја вршат контролата на градбите според законите постојано и континуирано, не само во пресрет на избори.
„Добро е секој кој зема плата од буџетот да си ја работи работата за која е платен, и тоа континуирано во целиот мандат од четири години, а граѓаните на крајот да дадат оценка“, рече Тошковски.
Тој додаде дека МВР постапува по судски наредби и одлуки на обвинителството, а за сериозни закани по живот, доколку се пријават, ќе бидат преземени сите соодветни мерки.
Министерот нагласи дека сегашните настани во јавноста се „циркус и парада“ пред локалните избори и дека вистинската работа треба да биде искрена и континуирана.
Деновиве градоначалничката Данела Арсовска и премиерот Христијан Мицкоски разменуваа обвинувања преку јавноста. Мицкоски ја повика Обвинителството да постапува по доказите поднесени од Арсовска за нелегални дивоградби во Чаир и ја охрабри да ги пријави заканите по живот во МВР. Арсовска, пак, ја обвини власта дека дозволува нелегална легализација на дивоградби и порача дека нема да се откаже од борбата против криминалот.