
Тој стои зад новата украинска одбрана: Кој е генерал Сирски, човекот кој спие четири и пол часа дневно!
Тој ја предводеше одбраната на Киев на почетокот на руската инвазија на Украина минатата година. Беше „мајстор“ на дефанзивното изненадување и успешен контранапад во Харков минатото лето. Тој сега ја надгледува обновената офанзива како шеф на воените операции на истокот на земјата, еден од двата главни фронта на Украина.
Во екот на тешката и напорна украинска контраофанзива, во која украинските сили се соочуваат со исклучително добро зајакнати руски војници, се почесто се споменува името на висок украински офицер. Станува збор за генералот Александар Сирски. Според Би-Би-Си, ако неговото име се пребара на Интернет, лесно може да се види дека тој е опишан како „најуспешниот генерал на 21 век досега“.
Сирски, всушност, ја предводеше веќе иконската, класична одбрана на Киев на почетокот на сеопфатната руска инвазија на Украина минатиот февруари. Тој беше и мозокот зад украинското одбранбено изненадување и пред се успешниот контранапад во регионот Харков на крајот од минатото лето. Сега Сирски ја надгледува новата контраофанзива како шеф на воените операции во источна Украина, една од двете главни украински оски во сегашниот замав.
Дописникот на Би-Би-Си Џонатан Бил го сретнал овој украински генерал на тајна локација до командното возило што го користи за да ги обиколи своите сили и да ја следи битката. Над возилото е инсталиран моќен митралез, а внатре на голем екран се прикажуваат повеќе видеа од бојното поле со стотици беспилотни летала, кои се емитуваат во живо.
Средбата се одржала во близина на Бахмут, а на прашањето дали целта му е повторно да го заземе тој град, тој со насмевка одговорил: „Да, се разбира, се обидувам да го направам тоа“. Сепак, дури и самиот Сирски признава дека повеќе од еден месец од почетокот, долгоочекуваната повеќестрана контраофанзива на Украина се одвива побавно отколку што многумина се надеваа.
– Би сакале да постигнеме многу брзи резултати – вели Сирски.
– Но во реалноста тоа е практично невозможно – додава тој.
Работите се свртеа
Тој наведува дека областа на исток е покриена со мини и одбранбени бариери. Русите, посочува, имаат многу утврдени позиции.
– Значи, нашиот напредок навистина не оди толку брзо како што би сакале – истакна Сирски.
Сепак, тој смета дека Украина се уште има една јасна предност.
– Верувам дека единството на нашето воено раководство и довербата на нашите војници едни во други е силата на нашата армија – вели тој. Ова е во целосна спротивност со руската воена хиерархија, која се чини дека страда од внатрешни борби, при што некои високи офицери неодамна беа отстранети од командата.
Луѓето со кои е опкружен, опишува новинарот на Би-Би-Си, се восхитуваат на неговата посветеност, решителност и итрина. Војниците и колегите на Олександр Сирски откриваат дека од почетокот на војната тој спие точно четири и пол часа секој ден. Ретко помалку, а никогаш повеќе.
Покрај тоа, тој се релаксира со секојдневно вежбање во теретана. Да може, наместо да крева тегови, би одел на планинарење или пливање во езерото, но поради војната, тоа е невозможна мисија.
Киев тврди дека повторно зазел речиси 30 квадратни километри територија јужно и северно од Бахмут. Украинската заменик министерка за одбрана Хана Маљар изјави дека руските сили во градот наскоро ќе бидат заробени. Сепак, како што пишува Би-Би-Си, артилериските гранати продолжиле да паѓаат врз украинската позиција која нивниот тим ја посетил на само три километри од градот. Алекс, еден од војниците на украинската 57-ма бригада, ја опишува ситуацијата како „напната“.
– Далеку од зоната на гранатирање, украинските команданти во длабок бункер ги координираат напорите за повторно преземање на Бахмут. Пред два месеци, кога последен пат беше во таа област – рече Бил, украинските сили губат земја и беа во опасност да бидат опколени. Сега, вели тој, работите се свртеле.
Полковник Александар Бакулин, командант на 57-та бригада, наведува дека Русите сега се во неволја. Тој вели дека не го потценува својот непријател, но дека редовните руски сили со кои сега се соочува не наликуваат на платениците на Вагнеровата група на Евгениј Пригожин, кои на крајот го зазедоа градот претходно оваа година. Вагнер, вели тој, „беше непријатен непријател… убиваше за да убие“.
На луѓето им требаат мали победи
– Ако се обидеме малку, Бахмут би можел да биде опколен – вели Бакулин. Спротивно на конвенционалните воени доктрини кои учат поинаку, тој вели дека неговите загуби во офанзивата се помали отколку кога неговата единица била статична и го бранела градот. Придвижувањето напред, иако бавно, тврди тој, исто така го подигна моралот, па „полесно се поднесуваат загубите“.
За прв пат на источниот фронт, бројот на украинските сили сега се совпаѓа со бројот на руските војници – околу 160.000 луѓе. Сепак, украинските сили се уште се побројни од руската артилерија.
Едно прашање е дали динамиката на фронтот може да се промени со пристигнувањето на касетните бомби испорачани од САД, кои содржат десетици помали бомби расфрлани на пошироко подрачје, а кои се забранети од повеќе од сто земји.
Полковник Бакулин вели дека ова оружје е неопходно за да се нанесе максимална штета на непријателската пешадија.
– Колку повеќе пешаци гинат овде, толку повеќе нивните роднини во Русија ќе ја прашуваат нивната влада „зошто? – рече полковникот. Тој, сепак, додаде дека не може да каже дека касетните бомби ќе им ги решат сите проблеми на бојното поле и признава дека тоа е контроверзно оружје.
– Да не ги искористат Русите, можеби совеста не би ни дозволила да го направиме тоа – изјави Бакулин.
Генералот Сирски потврди дека американската касетна муниција пристигнала во Украина и дека за неколку дена ќе биде подготвена за употреба. Екипата на Би-Би-Си тврди дека видела американски хаубици М777, кои ќе ги испукаат гранати, веќе распоредени на позициите околу Бахмут.
Тој вели дека повторното заземање на градот ќе има нешто повеќе од симболична вредност. Генералот тврди дека Бахмут има и стратешко значење, како еден вид порта кон другите клучни градови во регионот.
– Нашиот народ чека на победи. Потребни му се мали победи – заклучи Сирски.
