
Тим Европа и ОН во Северна Македонија ќе ја доделат наградата „Европска жена на годината“ за 2024 година на Меѓународниот ден на жената.
„Европска жена на годината“ е награда востановена во 2022 година од Делегацијата на Европската Унија како начин да се признаат и промовираат еднаквоста и еднаквите можности како темелни вредности на ЕУ. Второто издание за 2024 година е организирано под покровителство на Тим Европа и Претставништвото на ОН во Северна Македонија. Седумте покровители се здружија со седумте номинирани кандидатки – извонредни жени препознаени како креатори на промени во нивните заедници.
(1) Г-ѓа Алмира Фасљи Муарем, ромска активистка од Скопје – претставена од Н.Е. Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија;
(2) Г-ѓа Марија Дуда Дибиаџио, претприемачка од Крива Паланка – претставена од г. Бјорн Габриел, шеф на претставништвото на ЕИБ;
(3) Г-ѓа Катерина Котеска-Стисниовска, адвокатка од Битола – претставена од Н.Е. Хозе Луис Лосано Гарсија, амбасадор на Шпанија;
(4) Г-ѓа Елмедина Абдулахи, поборничка за животната средина од Тетово – претставена од Н.Е. Софија Филипиду, амбасадорка на Грција;
(5) Г-ѓа Греса Мустафаи, спортистка од Струга – претставена од Н.Е. Грегор Прескер, амбасадор на Словенија;
(6) Г-ѓа Ана Витанова Рингачева, универзитетска професорка од Струмица – претставена од Н.Е. Ами Ларсон Јаин, амбасадорка на Шведска;
(7) Г-ѓа Далиборка Златева, поборничка за лицата со попреченост од Велес – претставена од г-ѓа Росана Дуџиак, постојана координаторка на ОН.
Седумте номинирани кандидатки можеби не ѝ се познати на пошироката јавност; сепак, тие го пробиваат патот и ги инспирираат другите да го следат нивниот пример. Како такви, тие се носители на позитивни промени во целото општество и затоа се номинирани за наградата од нивните покровители. Иако сите горенаведени работи ги прават сите нив Европски жени на годината, кандидатката со најголем број реакции на Фејсбук страницата на Делегацијата на Европската Унија ќе ја добие титулата „Европска жена на годината“ за 2024 година за време на церемонијата.
