
Тажна вест: Почина младиот фудбалер Виктор Боневски за кого Македонија собираше средства
Почина младиот фудбалер Виктор Боневски, кој долго време водеше тешка битка со рак. За неговото лекување се собираа средства, но за жал ја изгуби најважната животна битка.
Тажната вест ја потврди неговиот брат Даниел, кој на социјалните мрежи објави црно-бела фотографија со зборовите: „Почивај во мир… бато мој“.
Сочувство изрази и фудбалската академија „Њу Старс“, каде што Боневски беше член. „Со голема болка ја примивме веста за смртта на нашиот Виктор. Загубивме фудбалер, другар и дел од семејството. Неговата љубов кон спортот, посветеноста и човечноста ќе останат засекогаш запаметени. Искрено сочувство до неговото семејство и блиските. Нека неговата добрина и спортски дух бидат водилка за идните генерации“, стои во објавата на клубот.
Боневски првпат се соочил со рак на тестиси на 17-годишна возраст, а подоцна болеста се проширила и на други органи. Тој го продолжи лекувањето во Турција, но поради високите трошоци, семејството и пријателите започнаа акција за финансиска помош во која се вклучи и пошироката јавност.