
ТАЖЕН КРАЈ НА ПОТРАГАТА: Пронајдено телото на дедото Петар во Вардар
Дводневната потрага по 71-годишниот Петар Стојановски, која ги обедини скопјани на социјалните мрежи, за жал, заврши трагично. МВР потврди дека неговото безживотно тело е пронајдено и извлечено од водите на реката Вардар.
Според официјалните информации, телото било забележано вчера попладне, околу 14:20 часот, во атарот на скопското село Трубарево.
По извршената идентификација, потврдено е дека станува збор за П.С. (71) од Скопје. Неговото исчезнување беше пријавено на 23 декември, откако рано утрото, околу 06:30 часот, го напуштил својот дом.
Драмата беше следена со големо внимание од јавноста, откако неговиот син, Владимир Стојановски, преку емотивен апел побара помош, наведувајќи дека татко му боледува од деменција и дека најверојатно излегол облечен само во пижами на ниските температури.
И покрај надежите на семејството и вклучувањето на граѓаните во споделување на апелот, епилогот е фатален. Синот Владимир денеска ја потврди тажната вест и се заблагодари за поддршката.
По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на обдукција.
