ТАТКОВИНАТА СЕ СОЗДАВАШЕ НИЗ ЛЕЛЕЦИ И КРИЦИ, НЕ СО АПЛАУЗИ Мицкоски истакна дека слободата е извојувана со постојана жртва
Со пораки за историската жртва за слободата, одговорноста кон државата и заветот на генерациите што се бореле за македонската иднина, премиерот Христијан Мицкоски се обрати на свечената академија „Свои на своето!“, организирана по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Академијата се одржа во Македонскиот народен театар.
– На овој ден човек чувствува потреба внимателно да ги избере зборовите, затоа што зборува за луѓе кои своите зборови ги потврдувале со непосредни дела, а најчесто и со сопствениот живот. За луѓе кои прифатиле да изгубат сè што имале, уверени дека нивните деца заслужуваат да добијат нешто поголемо, повозвишено и подобро – слободна татковина – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека 23 Октомври, покрај гордоста, треба да поттикне и чувство на одговорност, повикувајќи на преиспитување што денешните генерации прават со слободата за која се бореле нивните предци.
– Затоа, на 23 Октомври, покрај гордоста, треба да почувствуваме и одговорност. Да застанеме пред нивниот спомен, да се поклониме и искрено да се запрашаме: што правиме ние со слободата за која тие се бореа, за која тие живееја и за која ги положуваа своите животи? Каква држава им оставаме на оние што доаѓаат по нас? – рече премиерот.
Осврнувајќи се на историското значење на револуционерното движење, Мицкоски рече дека во Солун, пред повеќе од еден век, започнало организираното револуционерно движење кое длабоко ќе ја одбележи македонската историја.
– Формирањето на ВМРО недвосмислено одбележа една неповторлива епоха и голгота, кои се автентичен израз на македонската слободарска мисла и дејание. Неговите основачи немале држава зад себе, немале институции што ќе ги заштитат, ниту сигурност дека ќе го дочекаат исполнувањето на својата цел. Но имале вера, имале храброст, имале цел. Имале убедување дека нашиот народ заслужува слобода и решеност за таа слобода да преземат лична одговорност – истакна премиерот.
Во обраќањето, Мицкоски порача дека македонското револуционерно дело не смее да биде омаловажувано, посочувајќи ги имињата на истакнати револуционери како симболи на пркосот, посветеноста, мудроста и храброста.
– Кога некој од страна, а неретко и некој од сопствениот род, ќе сака да си поигра или да ја омаловажи улогата и големината на нашето револуционерно дело, да нè прикаже како вакви или такви, како мали и неважни, нека не заборава дека сè уште во нас живее пркосот на Узунов, посветеноста на Груев, мудроста на Татарчев, храброста на Питу, големината на Гоце. Тоа се луѓето од нашиот род пред чие дело и чии свети идеали се поклонуваме – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека од решеноста на револуционерите израснале генерации кои ја носеле македонската идеја низ прогони, затвори, востанија и војни.
– Татковината се создаваше низ лелеци и крици, низ постојана жртва, не низ аплаузи и подарени слободи. Во таа долга борба имало и болка, и разочарувања, и тешки поделби. Но опстојувала волјата еден ден да имаме свој дом, своја држава и право самите да одлучуваме за својата иднина – истакна премиерот.
Во завршниот дел од обраќањето, Мицкоски рече дека денес Македонија ја има државата за која се бореле претходните генерации, но дека тоа носи и голема одговорност.
– Денес ја имаме таа држава. И токму затоа нашата одговорност е толку голема. Да бидеме свои на своето е нашата најважна потреба, важна за нашето опстојување. Да бидеш свој на своето значи да стоиш со крената глава на земјата што ги памети твоите предци и да градиш иднина што ќе ги чува твоите деца. Тоа е заветот на секоја слободна генерација: тука припаѓаме, тука одлучуваме и тука ќе успееме. Свои на своето. Со корен во минатото и со верба во иднината – потенцираше Мицкоски.
.
Извор: plusinfo.mk