
СЗО повика на отворање на хуманитарен коридор за Газа
Светската здравствена организација (СЗО) повика денеска на отворање на хуманитарен коридор до Појасот Газа, кој е блокиран и бомбардиран од израелските сили по нападите на Хамас кои доведоа до смрт на стотици Израелци, пренесе Франс прес.
„Потребен е хуманитарен коридор за доставување основни медицински материјали до луѓето“, рече портпаролот на СЗО Тарик Јашаревиќ на прес-конференција во Женева. Тој додаде дека организацијата работи на ова прашање „со партнери“.
Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус, кој вчера беше во Каиро за да присуствува на регионалниот состанок на организацијата, се состана со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, чија земја граничи со Појасот Газа, за да разговара за можноста за транспорт на производи. неопходни за лекување и нормално функционирање на болниците.
„Ни требаат овие залихи. Болниците не можат да функционираат без гориво и струја. Залихите што ги обезбедивме веќе се при крај, па ни требаат овие залихи“, рече Јашаревиќ.