
Суарез се враќа во уругвајската репрезентација за пресметката со Меси
Ова е прв повик за него во мандатот на Марсело Биелса кој ја презеде репрезентацијата во мај и прв по Светското првенство во Катар каде Уругвај не успеа да ја помине групата во која беа уште Португалија, Јужна Кореја и Гана. Последниот меч го одигра на 2 декември 2022, против Гана на кој Уругвај славеше со 2-0. Суарез се наоѓа во одлична форма и е трет стрелец во бразилското првенство со 14 гола што и беше причина да добие повик за ноемвриските квалификациски дуели.
Прв противник во нив ќе му биде светскиот шампион Аргентина во Буенос Аирес што значи дека по подолго време, Суарез ќе се сретне со својот поранешен соиграч од Барселона и иден во Интер Мајами. Втор ривал на Уругвајците ќе биде Боливија на 22 ноември во Монтевидео.
Суарез е најдобар стрелец во историјата на уругвајската репрезентација со 68 постигнати голови, последниот од нив на 29 март 2022 година против Чиле во квалификациите за Мундијалот во Катар.
