
Студентскиот дом во Тетово пуштен без технички прием и со неискористена опрема
Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во работењето со капиталните проекти во високото образование, меѓу кои и Државниот студентски дом „Тетово“. Објектот е изграден со буџетски средства во износ од 212.407 илјади денари, односно околу 3,45 милиони евра.
Иако објектот е пуштен во употреба, ревизорите констатирале дека тоа е направено без извршен технички преглед и без добиено одобрение за употреба. Дополнителен проблем е што дел од набавената опрема за кујната не е ставена во функција, поради тоа што не била изведена потребната вентилација.
Овие пропусти значат дека, и покрај вложените значителни јавни средства, дел од објектот не може да се користи за намената за која бил предвиден, со што се доведува во прашање ефикасноста на инвестицијата.
Државниот завод за ревизија заклучува дека потребни се конкретни мерки за надминување на утврдените недостатоци и за целосно функционализирање на студентскиот дом во Тетово.