
Стопанската комора предупредува: Блокадите на граничните премини може да предизвикаат економски штети
Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) смета дека проблемот со примената на правилото 90/180 дена за професионалните возачи треба да се решава преку институциите, наместо со блокади на граничните премини. Од Комората предупредуваат дека блокадите може да го нарушат протокот на стоки со Европската Унија и да предизвикаат сериозни економски последици.
„Доколку се блокираат граничните премини само еден ден, штетите ќе бидат големи и ќе ги почувствуваат сите компании вклучени во надворешнотрговската соработка“, велат од СКСМ, укажувајќи на можни пенали, раскинати договори, намалено производство и нереализиран извоз.
СКСМ посочува дека минатата недела заедно со коморите од Западен Балкан упатиле апел до Европската комисија за привремено решение кое ќе им овозможи на возачите непречено да го вршат меѓународниот транспорт додека не се најде трајно системско решение за режимот на ЕЕС.
Комората предупредува дека сегашната состојба не е усогласена со европскиот План за раст за Западен Балкан и дека ризикува да ги наруши синџирите на снабдување, имајќи предвид дека ЕУ е главен извозен пазар на земјата.
Во Македонија, од денеска во 12 часот превозниците ќе започнат блокади на сите гранични премини поради одлуката на ЕУ која го ограничува престојот на возачите во Шенген на максимум 90 дена во рок од 180. Слични протести се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

