
Спикерот Гаши ја свика Комисијата за АНБ, Славјанка Петровска ќе претседава со седницата за надзор во Агенцијата оти Реџепи нема безбедносен сертификат
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, за утре во 11 часот ја свика третата седница на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР). На седницата, со која ќе претседава пратеничката од опозицијата Славјанка Петровска, ќе се одлучува за вршење директен надзор во просториите на АНБ.
Според официјалниот документ за свикување на седницата, на дневен ред е само една точка: „Предлог на заклучок за вршење на надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност во просториите на Агенцијата“.
Во известувањето се појаснува дека, согласно Деловникот на Собранието, со седницата ќе претседава членот на Комисијата, пратеничката Славјанка Петровска. Овој чекор следува откако претседателот на Комисијата, Халил Реџепи, информираше дека не може да ја свика седницата бидејќи не поседува безбедносен сертификат.
Свикувањето на седницата доаѓа по барањата од повеќе политички партии за итен парламентарен надзор во АНБ, по скандалот со наводното незаконско прислушување и следење на комуникациите на политичари, новинари и бизнисмени. Донесувањето на заклучокот на утрешната седница е првиот чекор со кој пратениците од Комисијата ќе можат да влезат во Агенцијата и да извршат увид во нејзиното работење.
