
Сопственикот на „Кондево“ ја препушти фабриката на македонска менаџерка
Италијанскиот сопственик на фабриката „Кондево“ во Штип, Рафаеле Џанони, по седум години раководење, ја отстапи фабриката на управување на новопоставената директорка Ѓулај Салиевска – Ѓештаковска од крајот на месецов..
Италијанската фабрика, која е лоцирана во ТИРЗ Штип, произведува софистицирани топлотни разменувачи за бојлери и е еден од главните снабдувачи на светските производители, а лани најави дека планира со две нови производствени линии првичната инвестиција од 35 милиони евра да ја зголеми за 50 отсто и да го зголеми број на вработени.
Базирано на технологија на топлинска кондензација, фабриката произведува исклучиво за извоз на основа на мехатроника и роботика. Во моментов има нешто повеќе од 130 вработени. „Кондево“ инаку е семеен бизнис.

Салиевска – Ѓештаковска, според она што ни го кажа во телефонски разговор, е дел од фабриката од јануари 2022, а претходно била вклучена во работењето на инвестицијата како надворешен соработник. Вели дека и претходно работела како инвестициски консултант за други компании.
Од она што може да се пребара на интеренет, може да се види дека Салиевска – Ѓештаковска била претседател на Македонско-австриската бизнис асоцијација, а била и заменик-управител на „Секјуриком“. Оваа австриска компанија која своевремено имаше 1.500 вработени беше вмешана во голема тендерска афера во периодот од 2015 до 2018, но Салиевска – Ѓештаковска си заминала од таму уште во 2014.
Инаку Кондево за најавената инвестиција годинава доби 110 милиони денари помош од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
А.К.
