
Со кајак отишле да нуркаат, па на бугарскиот државјанин му се губи трага на 89 метри длабочина, најверојатно користеле водородна машина
Потрагата по 52-годишниот бугарски државјанин, кој исчезна во водите на Охридското Езеро, продолжува и втор ден. Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, потврди дека лицето сè уште се води како исчезнато, демантирајќи ги информациите дека неговото тело било пронајдено уште вчера.
Според информации на 4NEWS.mk , двајца нуркачи – еден од Македонија и еден од Бугарија – вчера околу 13 часот со кајак стигнале до местото каде планирале нуркање. Најверојатно користеле водородна машина за дишење под вода. Во еден момент, на длабочина од околу 89 метри, бугарскиот нуркач исчезнал.
Нуркачите спасувачи воопшто не се симнале до 89 метри длабочина, бидејќи било опасно по нивниот живот, бидејќи деновиве има силно струење на водата во Охридското езеро.
Во потрагата се вклучени Езерската полиција, Црвениот крст и нуркачи од клубот „Амфора“. Пребарувањето е сериозно отежнато поради големата длабочина и силните подводни струи, а нуркачките тимови не се спуштиле до местото каде што се претпоставува дека исчезнал поради опасност за нивната безбедност.