СО ГОДИНИ МЕСТЕЛЕ ПОДАТОЦИ ВО Е-ИНДЕКСИ, ЗАРАБОТИЛЕ 21.000 ЕВРА Под истрага се двајца вработени на Универзитетот во Штип
Двајца вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се осомничени дека со манипулации во електронскиот индекс незаконски стекнале околу 21.000 евра. Основното јавно обвинителство Штип поведе постапка против раководител на секторот за „Е-индекс“ и референтка за студентски прашања, кои, според сомневањата, 5 години ги злоупотребувале своите службени овластувања.
„Во периодот од 2021 до 2026 година, пречекорувајќи ги границите на своите службени должности и овластувања, второосомничената, вработена како референт за студентски прашања на еден од факултетите, по добиени насоки од првиот осомничен раководител на Секторот за ‘Е-Индекс’, внесувала во информатичкиот систем на Универзитетот невистинити податоци“, соопшти обвинителството.
Според ОЈО, осомничените менувале, бришеле или прикривале информации во електронската база, со што предизвикувале неточни резултати при обработката на податоците. Материјалната корист од ваквите дејства засега се проценува на 21.000 евра.
Двајцата се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за компјутерска измама, согласно членовите 353 и 251-б од Кривичниот законик.
.
Извор: plusinfo.mk