КОРИДОРИТЕ 8 И 10 СЕ ВАЖНИ И ЗА ВОЕНАТА МОБИЛНОСТ Македонското искуство во НАТО може да биде пример за евроинтеграцијата
Коридорите 8 и 10 имаат значење и за воената мобилност на НАТО, а искуството од исполнувањето на сојузничките стандарди треба да послужи како пример и во процесот на европската интеграција. Овие две прашања ги истакнала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Брисел.
Според соопштението од нејзиниот кабинет, претседателката нагласила дека Коридорите 8 и 10 „не се само инфраструктурни проекти, туку стратешки правци што ја поврзуваат регионалната соработка со безбедносните интереси на НАТО и Европската Унија, особено во контекст на воената мобилност“.
Сиљановска-Давкова ја поврзала и европската интеграција на Македонија со искуството од членството во НАТО.
„Исполнувањето на високите сојузнички стандарди треба да биде пример за доследна примена на Копенхашките критериуми во процесот на европска интеграција“, се наведува во соопштението.
Претседателката ја потврдила определбата за исполнување на целите за одбранбени издвојувања согласно Хашкиот план, како и за натамошна модернизација на Армијата, зајакнување на сајбер-отпорноста и заштита на критичната инфраструктура.
Таа изразила задоволство и од сертификацијата на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена, оценувајќи дека тоа ја потврдува способноста на македонската армија да учествува во меѓународни операции.
Сиљановска-Давкова ја повторила поддршката за Украина и потребата од продолжување на политичката, воената, финансиската и хуманитарната помош.
„Сеопфатниот, праведен и траен мир мора да почива врз меѓународното право и Повелбата на Обединетите Нации“, се наведува во соопштението од кабинетот.
.
Извор: plusinfo.mk