
Шведска станува членка на НАТО
Сино-жолтото шведско знаме во понеделник треба да биде подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел. Минатата недела Русија вети дека ќе преземе „контрамерки“ како одговор на пристапот на Стокхолм во алијансата.
По два века неутралност и две години откако се примени, Шведска во четвртокот официјално стана 32-та членка на НАТО, што е голем чекор за земјата која досега се придржуваше до воено неврзување за да избегне да го навлече гневот на Москва. Шведскиот премиер Улф Кристерсон во Вашингтон официјално ќе му ги предаде на шефот на американската дипломатија Антони Блинкен документите за ратификација до кои земјата стигна по долги борби со одделни членки на Алијансата.
Сино-жолтото шведско знаме во понеделник треба да биде подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел.
Минатата недела Русија вети дека ќе преземе „контрамерки“ како одговор на пристапувањето на Стокхолм во алијансата, што ќе зависи „од условите и степенот на интеграција на Шведска во НАТО“.
Со приемот на Шведска, по Финска минатата година, сите земји со излез на Балтичкото Море, со исклучок на Русија, сега се членки на Атлантската алијанса.
Шведска и Финска, иако воено блиски со САД, историски претпочитаа да се држат настрана од НАТО, формиран за време на Студената војна против поранешниот Советски Сојуз.
Иако Шведска придонесува за меѓународните мировни сили, таа не доживеала војна од конфликтот со Норвешка во 1814 година.
