
Шведска официјално се приклучи на НАТО
Шведска официјално се приклучи на НАТО, откако руската инвазија на Украина ја поттикна да ја преиспита својата одбранбена политика и да ја напушти својата долгогодишна позиција на неутралност.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон формално му ги предаде документите за пристап на американскиот Стејт департмент во Вашингтон, последниот чекор од повеќемесечниот процес за добивање одобрение од сите членки за да и се дозволи на неговата земја да стане 32-та членка на алијансата.
Документите се ставени во сеф во Стејт департментот, кој служи како договорен депозитар за НАТО.
„Со добивањето на овој инструмент за пристап, дозволете ми да бидам првиот што ќе ја поздравам Шведска како страна на Вашингтонскиот договор и 32-та членка на Организацијата на Северноатлантскиот договор“, рече државниот секретар Антони Блинкен заедно со Кристерсон.
Кристерсон им се заблагодари на своите сојузници што ѝ посакаа добредојде на Шведска во блокот.
„Ќе се стремиме кон единство, солидарност и споделување на товарот и целосно ќе се придржуваме до вредностите на Договорот од Вашингтон: слобода, демократија, индивидуална слобода и владеење на правото. Заедно посилни“, рече тој во изјавата.
Обидот на Шведска да се приклучи на блокот со месеци беше опструиран од Турција и Унгарија, кои имаат пријателски односи со Москва и го одложија ратификувањето на пристапувањето на Шведска.
