
Шведска и Данска со убедливи победи направија исчекор кон полуфиналето на ЕП!
Двете скандинавски селекции сега имаат максимални четири бодови, со што завршија речиси две третини од работата за да се најдат меѓу четирите најдобри на првенството, иако до крајот имаат по уште три средби за играње. Швеѓаните се мачеа само во првата половина од воведниот период во која словенечките ракометари го диктираа темпото и водството (6-5), но потоа следеше пеколен финиш на полувремето на „трите круни“ и тоа со пет гола во серија за целосен резултатски пресврт (10-5). Низата продолжи и по паузата, па шведскиот состав со вкупна серија 10-1 дојде до огромни плус осум (15-7) кои им ја осигураа победата.
Данците славеа поубедливо, но им требаше подолго време да го скршат отпорот на холандските ракометари, кои 32 минути одлично им парираа и не им дозволуваа резултатски да се одлепат. Клучна беше серијата 11-1 во второто полувреме, со која составот од Скандинавија дојде до огромни плус 11 (35-24), со што стави крај на сите надежи на противникот.
Првиот денешен дуел, пак, го донесе најголемото изненадување и тоа триумфот на Португалија против фаворизираната Норвешка (37-32).
