
Швајцарија: Кокаинот стана толку евтин што властите размислуваат за легализација
Во Швајцарија цената на „најквалитетниот“ кокаин е речиси преполовена, а како што во Берн велат дека „војната против дрогата пропаднала“, властите ја разгледуваат можноста за легализирање на рекреативната употреба на оваа психоактивна супстанца.
Така, главниот град Берн размислува за пилот проект кој ќе овозможи продажба на наркотици од класа А за рекреативна употреба – радикален пристап единствен во светот, пишува порталот РТС.
Швајцарија има едно од највисоките нивоа на употреба на кокаин во Европа, врз основа на податоците од нивоата на забранети дроги и нивните метаболити измерени во отпадните води, а Цирих, Базел и Женева се меѓу првите 10 градови во Европа.
Цените на супстанцијата се преполовиле во последните пет години, покажуваат податоците на швајцарскиот центар за зависности, а употребата е во пораст. Некои политичари и експерти ја критикуваа целосната забрана како неефикасна алатка за справување со кризата.
„Во моментов имаме многу кокаин во Швајцарија, по најниски цени и највисок квалитет што сме го виделе досега“, нагласува Френк Зобел, заменик директор на швајцарскиот центар за зависности.
Цените на кокаинот паднаа бидејќи пазарот е преплавен со големи количини на дрога. Повеќе од 160 тони кокаин беа запленети само во Антверпен и Ротердам во 2022 година, а многу повеќе влезе во Европа неоткриено.
Како што паѓаа цените, чистотата на супстанцијата се зголеми. Во Швајцарија 70 до 80 отсто од продадените супстанции сега се чист кокаин.
„Легализацијата е поефикасна од репресијата“
Многу европски земји, вклучително и Шпанија, Италија и Португалија, повеќе не изрекуваат затворски казни за поседување кокаин кој предизвикува голема зависност, но никаде не отишле толку далеку да размислуваат за легализација.
Проектот ќе бара да се промени постојниот национален закон за забрана на рекреативна употреба на дрогата, но парламентот во Берн го поддржува проектот, кој ќе следи по тековните дебати за легалната продажба на канабис.
