
Што е норовирус? Детектиран кај едно дете во Карпош
Институтот за јавно здравје сè уште ги анализира причините за стомачните тегоби кои се појавија кај дел од учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Општина Карпош, но првичните резултати веќе укажуваат на неколку можни извори на заразата, изјави денеска директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.
Според неа, кај едно од децата е потврден норовирус, а кај една од вработените во училиштето, од носен брис, е изолиран Стафилококус ауреус. Дополнително, на три чешми во училиштето се пронајдени грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae, кои исто така може да предизвикаат гастроинтестинални симптоми и укажуваат на недоволна хигиена на површините.
29 пријавени случаи и седум хоспитализирани деца
Андоновска информира дека досега се пријавени 29 случаи, како и една наставничка која исто така се пожалилa на тегоби. На Детската клиника биле сместени пет деца, а денеска се донесени уште две. Сите се во стабилна здравствена состојба.
Кај сестричката на едно од веќе хоспитализираните деца е потврден норовирус во фецес, што дополнително го насочува вниманието на епидемиолошките служби.
Контаминирани површини – чешми во кујната и училниците
Од девет земени брисеви од површини во училиштето – кваки, пултови, чешми, садови – три се позитивни. Сите позитивни примероци се од чешми: една во кујната, две во училници.
Вработените во кујната имале чисти микробиолошки наоди од рацете, а од земените брисеви од нос и грло кај една вработена е пронајден Стафилококус ауреус.
Водата и храната засега без отстапувања
Испитувањето на водата од шест чешми покажало дека таа микробиолошки и хемиски е исправна, а во примероците не се пронајдени тешки метали.
Од храната што ја јаделе децата, досега млекото, муслите и кроасанот ги задоволуваат микробиолошките стандарди. Резултатите за мусаката ќе бидат познати до крајот на денот.
Вонредна дезинфекција и нови испитувања
Поради сомнежите за повеќекратни можни извори, ИЈЗ во координација со Центарот за јавно здравје организира вонредна дезинфекција во училиштето.
Дополнително, од децата на Клиниката се земени нови материјали – фецес, брисеви од нос и грло. Досега, од пет деца – сите брисеви се негативни на ковид и инфлуенца, а се чекаат резултати за други вируси.
Се земаат примероци и од кујните на уште девет училишта, но дел од нив вчера биле затворени и не можело да се пристапи до нив.
