
Што јадеме? 1/3 од европските житарки содржат пестициди
Новиот извештај објавен од „Фудвоч“ со наслов „Темната страна на житариците“ ја истакнува прилично загрижувачката состојба со житариците и сите преработени производи што содржат пестициди во Европа.
Во извештајот се наведува дека 37 отсто од производите на база на житарки во Европа содржат остатоци од пестициди, при што откриени се вкупно 65 различни пестициди (вклучувајќи го и глифосат). Тоа значи дека една третина од тестираните производи содржеле остатоци од пестициди.
Во текот на студијата, спроведена меѓу 20 трговци на мало во некои земји на ЕУ, вклучувајќи ги Германија, Франција, Холандија и Швајцарија, беа тестирани различни видови житарки, вклучувајќи брашно и леб.
Поточно, испитани се 2.234 примероци, од кои 837 содржеле еден или повеќе пестициди. Од вкупно 1215 откриени остатоци, 18 од 14 примероци ги надминале максималните граници на остатоци (LMRs).
Најзагадени житни култури
Оваа широко распространета контаминација варира во голема мера од една до друга житарка, со помалку од 10 проценти од примероците на спел и ‘рж кои покажуваат остатоци од пестициди, додека овој процент скока на речиси 90 проценти за основните производи од пченица.
Повисоко ниво на контаминација е забележано кај брашното, овесот и лебот отколку кај непреработените житарки. Лебот и кифличките (бел и интегрален) беа тестирани главно во Северна Ирска, при што речиси 90 отсто од примероците содржеа пестициди.
Уште поалармантни податоци доаѓаат од Германија, каде 45 отсто од употребените пестициди се концентрирани на одгледување пченица и јачмен. Оваа широка употреба на пестициди во житните култури претставува сериозна закана за биолошката разновидност, климата и квалитетот на почвата.
Широката употреба на пестициди во житарките е главна пречка на патот кон одржливо и еколошко земјоделство во ЕУ, забележува италијанското специјализирано издание „Гринме“. „Патот кон одржливо и еколошко земјоделство во ЕУ неизбежно оди преку житни производи без пестициди“, рече Јерг Рохведер, извршен директор на Foodwatch.
Одговорноста на супермаркетите
Клучна точка наведена во извештајот е улогата на супермаркетите во синџирот на производство на храна.
Супермаркетите сакаат да даваат добри еколошки ветувања, но многу од нивните производи – од леб до тестенини – се произведуваат со употреба на огромни количини на штетни пестициди како што е глифосат. Компаниите не сакаат да зборуваат за оваа темна страна на житарките.
