
Шилегов за СДСМ: Монополизацијата на одлуките ја доведува партијата до изолација
Петре Шилегов вечерва во Топ Тема на Телма оценува дека монополизацијата во носењето на одлуки во СДСМ е причина за поларизација меѓу пратениците, како и меѓу високи актуелни и поранешни функционери.
Тој истакна дека денеска јавноста слушнала дека СДСМ нема да го поддржи проектот „Сејф Сите“ и постави прашање кој партиски орган и кога ја донел оваа одлука, нагласувајќи дека порано за сериозни прашања секогаш имало дебата. „Кога се одржал Извршниот одбор, Централниот одбор и координацијата на пратеничката група за да се донесе ставот да не се поддржи закон којшто има контроверзи?“, прашува Шилегов.
Тој додаде дека не може три дена пред конгрес да се заклучуваат ставови на општинските организации и дека единствен начин за промена на ваквата состојба е оставка од страна на актуелното раководство.
„Ситуацијата е премногу сериозна. А СДСМ е судбински врзан со судбината на државата“, рече Шилегов, нагласувајќи: „Историјата познава многу генерали кои останале без војска“.
Шилегов предупреди дека не само што е пасивизирано членството, туку е пасивизиран и поголемиот дел од полибералната популација кон која СДСМ традиционално гравитира. Според него, партијата некогаш била алтернатива, дури и како опозиција, но „со неодењето на лидерската средба сме изолирана партија“.
