
Шилегов: Ова што се случува во судницата е лакардија, обвинителството мора да прекине со изложување на премногу луѓе на огромна траума!
Адвокатот Петре Шилегов, кој е вклучен во правниот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“, упати остри критики до судот и обвинителството, посочувајќи на очигледни двојни аршини при одредувањето на мерките за обезбедување на обвинетите.
Шилегов потенцираше дека јавноста со право реагира на нееднаквоста пред законот. Иако, како што вели, лично не е поборник за секогаш да се посегнува по мерката притвор, смета дека правилата мора да важат за сите граѓани подеднакво.
„Аршините за определување мерки за обезбедување присуство на судење треба да бидат еднакви за сите, а не да зависиме од нечија волја. Очигледно е дека во конкретниот случај има различни аршини. Не може за едни да имате едно правно мислење за истиот кривично-правен настан, а за други сосема поинакво“, изјави Шилегов.
Тој упати директен повик до Јавното обвинителство да покаже одговорност и да стави крај на начинот на кој се води постапката, квалификувајќи го тековниот тек на судењето како „лакардија“ која непотребно ги трауматизира оштетените.
„Оваа лакардија која се случува во конкретниот предмет, Јавното обвинителство е должно да ја прекине. Надвор од материјалниот аспект, ние изложуваме премногу луѓе на огромна траума“, порача адвокатот Шилегов.
