СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО НЕ СТИВНУВА, ПОВЕЌЕТО ЖРТВИ СЕ ЖЕНИ Речиси 4.000 поплаки за 9 месеци, регистирани 1.337 кривични дела
Повеќе од 1.400 лица биле жртви на кривични дела поврзани со семејно насилство во првите девет месеци од годинава, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи. Од јануари до септември 2026 година биле регистрирани 1.337 кривични дела, за кои биле пријавени 1.388 сторители, од кои дури 1.278 се мажи.
Според статистиката на МВР, меѓу пријавените 1.433 жртви на кривичните дела има 1.144 жени и 289 мажи. Податоците покажуваат дека жените се најголемиот дел од жртвите на овој вид криминал.
Покрај кривичните дела, во истиот период полицијата регистрирала и 191 прекршок поврзан со семејно насилство. За нив биле пријавени 228 сторители, од кои 196 мажи и 32 жени, како и 221 жртва – 126 мажи и 95 жени.
Бројот на поплаки е значително поголем. Во периодот од јануари до септември биле евидентирани 3.869 поплаки за семејно насилство, при што биле пријавени 3.971 сторител. Од нив, 3.090 се мажи, а 881 жена.
Во оваа категорија биле евидентирани и 3.961 жртва, од кои 2.567 жени и 1.394 мажи.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните да не молчат и да не го премолчуваат семејното насилство, туку навремено да го пријавуваат секој случај.
„Секој што е жртва на семејно насилство, како и секој што има сознанија за вакви случаи, може да ги пријави во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192“, наведуваат од МВР.
.
Извор: plusinfo.mk