
Седум лица загинаа во Европа поради невремето Киеран
Најмалку три лица загинаа кога бурата Киеран ја зафати Италија. Меѓу најпогодените е регионот на Тоскана.
Според локалните власти, во областа наврнала рекордна количина дожд. Прогнозите се дека во следните часови ќе има поројни дождови и урагански ветрови во јужните делови на Италија. Во моментов жртвите на „Киеран“ се седуммина, јави БНТ.
Невремето ја зафати Западна Европа со ветрови од околу 200 километри на час и помина низ Франција, Белгија, Холандија и Велика Британија.
Речиси 700.000 луѓе во Франција ја поминаа ноќта без струја. Властите успеаја да ги обноват комуникациите во делови од регионот на Нормандија, каде што невремето предизвика сообраќаен хаос, при што загинаа две лица, а речиси 15 лица беа повредени.
Спасувачките тимови предупредија дека силните ветрови и стотиците паднати дрвја на улиците ги попречуваат нивните напори.
Во Велика Британија, властите ги повикаа луѓето да не патуваат за време на викендот. Околу 300 училишта, главно во Западна Англија, остануваат затворени.
