СЕДНИЦИТЕ ЗА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА НЕМА ДА ИМААТ РЕДОВНИ ПАУЗИ Пратеничките групи и претседателот на собранието се договорија
Седниците за пратенички прашања во Собранието нема да имаат редовни паузи, со цел опозицијата да добие два часа ефективно време за поставување прашања до министрите – соопшти претседателот на Собранието Африм Гаши, откако за тоа постигнале договор координаторите на пратеничките групи.
Според Гаши, прекини ќе има само доколку се појави суштинска потреба, бидејќи досегашната практика покажала дека времето наменето за опозициски прашања може да помине без да биде поставено ниту едно прашање.
Токму тоа се случи на последната ваква седница, кога беа побарани две едночасовни паузи. Првата ја побара координаторката на ДУИ, Рина Ајдари, со образложение дека собраниската сала е празна и дека треба да се соберат министрите кои требаше да одговараат на пратеничките прашања. Втората пауза ја побараа пратениците на ЗНАМ. Така, двата часа предвидени за оваа собраниска активност поминаа без ниту едно прашање до Владата, по што следуваше жестока расправија во салата.
Во декември Собранието го очекува многу работа. Пред пратениците се повеќе законски решенија, меѓу кои и Законот за трансформација на работните односи, а на дневен ред ќе дојде и интерпелацијата на министерот за локална самоуправа. Пред крајот на годината повторно се очекува да биде одржана седница за пратенички прашања.
.
Извор: plusinfo.mk