
СДСМ утре бира ново раководство – Филипче: Списокот подготвен, се работи за комбинација од искусни и млади кадри
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека утре ќе биде објавено новото партиско раководство, откако на негово барање на почетокот на декември оставка поднесе целото досегашно раководство на партијата.
Во изјава за централниот дневник на телевизија „Сител“, Филипче истакна дека списокот со имињата на новите функционери е веќе подготвен и дека новиот тим ќе претставува спој на искусни кадри и млади луѓе.
„Ќе се избере новото партиско раководство – нови потпретседатели и нови членови на Извршниот одбор. Практично, станува збор за нова сила во партијата, комбинација на искуство и младост“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ се отвора кон граѓаните, младите, политичките чинители и граѓанскиот сектор, со цел да се изгради широк фронт за, како што рече, ставање крај на криминалната власт. Според него, веќе се започнати средби со различни општествени групи како дел од овој процес.
Филипче потсети дека на 2 декември, на негово барање, оставка поднесе целото раководство на СДСМ, чекор кој од партијата тогаш беше оценет како одговорен и морален, со цел отворање ново поглавје и простор за кадровско освежување и организациско зајакнување.
Во однос на внатрепартиските процедури, Филипче појасни дека оставките сè уште формално не се констатирани и дека тоа ќе се направи на следниот состанок на Централниот одбор, кој, како што најави, ќе биде закажан за вторник. На таа седница се очекува избор на новите потпретседатели и членови на Извршниот одбор.
Лидерот на СДСМ повтори дека списокот со лица кои ќе бидат дел од новото раководство е целосно подготвен и дека останува само истиот да биде верификуван од партиските органи.
