САКАМЕ РЕШЕНИЕ СО БУГАРИЈА, НО МОРА ДА ИМА ПРЕДВИДЛИВОСТ Муцунски со порака до Софија и до Брисел
Сакаме да најдеме решение за проблемот со Бугарија што ќе ни обезбеди предвидливост на процесот на евроинтеграција. Има желба од страна на европските институции и на некои земји членки на ЕУ да помогнат да го засилиме меѓусебниот ангажман и да се отвори простор за дискусија. Нашите позиции се апсолутно јасни – во овој момент нема услови за уставни измени поради начинот на кој Бугарија се позиционира, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во вечерашното гостување во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител.
– Треба да разговараме, иако за некои теми не може да се разговара, но убеден сум дека има простор за креативност и доколку има волја од соседна Бугарија, може да се дојде до решение. Имаме обврска да работиме и да најдеме решение – рече Муцунски.
Тој вели дека немало можност за средба со бугарските претставници за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, но оти комуникација меѓу двете страни има.
– Има комуникација, но поради немање интерес од другата страна не може да се каже дека има приближување – рече Муцунски и најави дека следната недела ќе оди во Софија на состанок за Коридорот 8. Тој очекува да има средба и со неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова.
Иако има билатерални контакти, тоа досега не довело до напредок и затоа, според шефот на дипломатијата, потребна е помош од заинтересираната страна, односно од ЕУ.
Позитивно гледаме и на посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која кон крајот на неделава доаѓа во Скопје и со која, меѓу другото, поконкретно ќе се разговара и за оваа тема.
– Посетата на претседателката фон дер Лајен е корисна, пред сè, бидејќи праќа порака дека Европската Унија е заинтересирана за регионот. Второ, ќе имаме можност да дискутираме за внатрешните реформски процеси, но и за она што ќе се случува во регионот по завршувањето на овој прв циклус на Планот за раст. И несомнено една од темите ќе биде прашањето поврзано со Бугарија и како да се најде решение за него – рече Муцунски.
Кај нас, вели министерот, нема дилема дека ни е потребно решение, но поставуваме една црвена линија – дека мора да се најде решение што ќе ни обезбеди предвидливост и сигурност.
– Имаме проблем со една земја членка, која го држи во заложништво целиот процес на евроинтеграција на земја која спроведува реформи, која е усогласена со надворешната политика на ЕУ и е стратешки определена. Затоа, тој што ни вели „сакаме за вас напредок“ – мора да ни помогне да најдеме решение. Земјите членки на ЕУ и европските институции ни велат дека единственото прашање што треба да се реши се уставните измени, но соседна Бугарија не го вели тоа. Тие велат – треба да го спроведете предлогот од 2022 година. Европската Унија и 26 земји членки ни велат: единствен предуслов се уставните измени. Една земја членка ни вели: има многу повеќе – изјави Муцунски.
Предлогот од 2022 година, кој, како што посочи, за жал, поради непромисленост и лековерност во надворешната политика бил прифатен од тогашната македонска влада, според толкувањето на соседна Бугарија инкорпорира и други елементи – пред сè од историска гледна точка.
– И тука е недостатокот на предвидливост. И затоа ние велиме: под вакви услови, кога е очигледно дека една земја членка сака да внесе прашања поврзани со историски наративи, со јазикот, прашања поврзани со нешто што е суверена внатрешнополитичка надлежност на една влада, кога сака такви прашања да внесе во процесот, нема логика ние да пристапиме кон реализирање на што било, затоа што, и да се заврши тоа хипотетички, повторно ќе бидеме во иста позиција – рече шефот на дипломатијата.
Според него, слабоста на македонската државна позиција во моментот е опозицијата во земјава, која, како што наведе, целосно е усогласена со позициите на Софија.
– Во Бугарија гледате 100-процентна усогласеност, независно дали станува збор за власт или опозиција, во однос на нивните државни позиции. Тука имаме опозиција која е целосно усогласена со позициите на Бугарија, а не со позициите на својата држава – смета Муцунски.
Тој посочи дека од формирањето на оваа Влада никој никогаш не кажал дека не сакаат да дискутираат со Бугарија, но истовремено разговорите и преговорите, според него, не смеат да значат и обезличување на една нација и нејзиниот идентитет.
– Што значи тоа? Ние во Европската Унија очекуваме да влеземе со засилен идентитет, а истовремено очекуваме ЕУ и пристапниот процес да имаат за цел да ги трансформираат нашите институции, а не нашиот национален идентитет. Тоа е она за што разговараме, тоа се нашите позиции и убеден сум дека демократската зрелост во Европа ќе ги препознае тие позиции и ќе ни помогне да најдеме одржливо решение. Нашите позиции многу јасно сме ги артикулирале и пред домашната јавност. Нема потреба македонскиот народ да се грижи дека повторно ќе биде предаден во рамките на какви било разговори. Ние сакаме решение, доколку има услови, но тоа да биде решение низ призмата на европските вредности – посочи Муцунски.
.
Извор: plusinfo.mk