
САД не ја коментираат одбиената виза за Лимани, одговорот го оставија на министерот
Американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, одби да открие зошто министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, не добил американска виза. Таа нагласи дека законите за приватност во САД не дозволуваат јавно споделување информации за визни одлуки, но додаде дека самиот министер има целосни информации за одлуката.
„Имаме строги закони за приватност во Соединетите Американски Држави, така што не можам да разговарам за никакви визни прашања за кој било поединец. Би ве упатила кај министерот за да поразговарате за тоа што се случило“, изјави Агелер.
Министерот Лимани пред два дена објави дека причина за „пречката во слободното движење“ е неговата улога во враќањето на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во Македонија. Според неговите тврдења, тој користел „начини и средства забранети според меѓународното право“.
„Ова нека служи како потсетник дека идните генерации мора внимателно да избираат кому му веруваат и за што се жртвуваат“, напиша Лимани на социјалните мрежи, додавајќи дека ако јавноста сака повеќе информации, Ахмети треба да избере телевизиска куќа каде што ќе се зборува за тоа.
Поради ситуацијата, министерот морал да ја откаже официјалната посета на Обединетите нации во Њујорк.
Во меѓувреме, од партијата Алијанса за Албанците побараа Владата да реагира и да побара разрешување или итна оставка на Лимани.

