„Реплек АД“ продолжува со амбициозниот развој – преземени ексклузивните права за маркетинг и дистрибуција на познатиот британски бренд HealthAid Limited UK за Адрија регионот
„Реплек АД“ продолжува со својата деловна експанзија и раст, базирани на стратешката развојна политика и иновативните потези. По минатогодишниот успех на сите пазари каде што е присутна, компанијата годинава продолжува со нови развојни чекори. „Реплек АД“ ги презема ексклузивните права за маркетинг и дистрибуција на познатиот британски бренд HealthAid Limited UK. Покрај за домашниот, ексклузивните права се однесуваат и за неколку други пазари, вклучувајќи ги Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска, Словенија и Црна Гора.
Повеќе од 40 години, HealthAid Limited UK е премиум бренд на глобалниот пазар на додатоци во исхраната, а во своето портфолио има преку 560 различни производи. Производите HealthAid Limited UK се продаваат на преку 60 пазари, а наменети се за подобрување на женското, машкото и детското здравје.
„Најавивме амбициозен бизнис план за нашата компанија, кој се реализира според планираното и од година во година влегуваме во нова развојна фаза. Покажавме дека „Реплек АД“ има сериозни развојни потенцијали кои со добри одлуки и со вистински луѓе дадоа одлични резултати. Ова го сметаме како нов, дополнителен импулс во развојот на компанијата. Имаме јасна визија во која насока сакаме да се движиме, по која цврсто чекориме. Покрај нашето сопствено портфолио, кое станува препознатливо на сите пазари по својот квалитет, ги шириме нашите деловни активности и во нови проекти, како што е овој, кои ќе додадат дополнителна вредност на нашата компанија и дополнително ќе ги зацврстат нашите пазарни позиции во регионот. Остануваме посветени на реализација на нашиот развој во глобални рамки“, подвлече Душан Пецовски, главен извршен директор на „Реплек АД“.
Ексклузивните права на познатиот британски бренд HealthAid Limited UK за регионалниот пазар се продолжување на растот на компанијата. Приходите од продажба во 2023 година изнесуваат над 25 милиони евра и бележат раст од 42 % или се за 7,4 милиони евра поголеми во однос на претходната година. Продажбата на странските пазари порасна за 43 % и изнесува 19,7 милиони евра, а во однос на минатата година вредноста на продажбата на овие пазари е зголемена за 6 милиони евра. Раст од 37 % беше забележан и на домашниот пазар, со реализирана продажба во износ од 5,4 милиони евра, односно зголемување за 1,45 милиони евра.
Како извозна компанија, која пласира повеќе од 78 % од своето производство во фармацевтскиот сегмент на повеќе од 20 пазари во светот, „Реплек АД“ продолжува да ги зајакнува и проширува своите активности. Повеќе производи од фармацевтската програма се едни од најпродаваните на одделни пазари, што е јасна потврда за високата конкурентност во светски рамки и врвниот квалитет. Со своето портфолио компанијата е присутна на пазари во земји членки на ЕУ, Адрија регионот, во земјите на Блискиот исток, во Африка, Југоисточна Азија, како и на пазарите во ЗНД.