
Расте бројот на заболени од грип во земјава
Во земјава расте бројот на пријавени случаи на грип, а здравствените служби укажуваат дека вирусот и понатаму циркулира со висок интензитет, особено меѓу луѓето со хронични заболувања и невакцинираните категории.
Во третата недела од 2026 година (12–18 јануари), Институтот за јавно здравје регистрирал 2.062 случаи на грип и заболувања слични на грип. Иако бројката е за 11,2% пониска во споредба со претходната недела, вирусот и натаму останува активен.
Од Институтот посочуваат дека во однос на истиот период во 2025 година има 46% повеќе заболени (тогаш биле регистрирани 1.412 случаи). Во споредба со епидемиската крива за последните 15 сезони, бројот на случаи е за 6,9% понизок, но и понатаму над границата за средна активност.
Најзасегнати возрастни групи се лица од 15 до 64 години со 1.274 пријавени случаи. Кај децата од 0 до 4 години се регистрирани 279 случаи, во групата од 5 до 14 години има 243 случаи, а над 65 години 266 случаи.
По региони, најмногу заболени има во Скопје (556), Тетово (146), Охрид (142), Битола (139) и Куманово (137). Висока активност е забележана во Дебар, Охрид, Свети Николе и Кавадарци, додека во останатиот дел од земјата активноста се движи од средна до сезонска.
До сега се регистрирани и два смртни случаи поврзани со грип – 75-годишна жена од Скопје и 69-годишен маж од Кавадарци. Двете лица имале хронични заболувања и не биле вакцинирани.
Здравствените власти предупредуваат дека вирусот останува најголем ризик за повозрасните, хронично болните и за невакцинираните категории.
