
Рама не може да ја замисли ЕУ со балканските земји, а без Србија внатре
Албанскиот премиер Еди Рама вели дека невозможно е да се замисли ЕУ во која ќе бидат вклучени Албанија и другите балкански држави без Србија.
Тој во емисијата „Порта а порта” на италијанскиот јавен сервис изјави дека не размислува за проширување на Европската унија без Србија и дека мора да вложат напори за политичко единство со оваа земја.
„Од друга страна, секако дека има разлики, бидејќи Србија не ја санкционираше Русија од јасни причини кои во одреден момент мора да се сфатат како причини од политичка и историска, но и прагматична природа“, рече Рама.
Во врска со војната во Украина, вели дека „најголема можност е ова да е еден од таканаречените замрзнати конфликти, но со многу вознемирувачка димензија што може да ги земе како заложници не само Русија и Украина, туку и целиот свет, за подолг временски период”. Русите и Украинците ги нарече сурови борци. Србија веќе преговара со ЕУ. Дел од европратениците се побунија и бараат ЕУ да направи ревизија колку пари добива Србија која како што велат поддржува антидемократски режими.

