
Протоколите за дојави на бомби доставени до училиштата, но нема увид во нивната примена
Упатството за постапување по дојави за бомби е детално доработено и доставено до сите училишта, но Министерството за образование и наука нема прецизни информации како тоа се применува на терен, изјави министерката Весна Јаневска. Таа посочи дека постои недоволна координација меѓу институциите, односно меѓу централната власт и локалните структури.
Според Јаневска, одговорноста за постапување не е само кај министрите, туку и кај градоначалниците и директорите на училиштата. Во упатствата, како што наведе, јасно е прецизирано како се спроведува евакуацијата, на која оддалеченост се изведуваат учениците и кога тие се враќаат на настава по завршените безбедносни проверки, додека прашањето за ученичкиот превоз е во надлежност на општините.
Изјавата на министерката дојде како дополнување на одговорот на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на пратеничко прашање за лажните дојави на бомби во тетовската гимназија. Тошковски информираше дека вакви случаи се евидентирани во повеќе градови и дека секоја дојава се третира согласно антитерористичките протоколи.
Тој нагласи дека при секоја дојава задолжително се спроведува евакуација и безбедносна проверка, додавајќи дека МВР постапува според европски стандарди и презема и превентивни мерки. Министерот ги отфрли обвинувањата дека полицијата не реагира соодветно и истакна дека безбедноста на граѓаните, особено на децата, е апсолутен приоритет.
