
Протести на вработените од „Паркови и зеленило“ – два синдикати, но со иста мака
Вработените од Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и двете негови подружници „Флораком“ и „Луна“ денеска протестираа на улицата Илинденска во Скопје. Иако со исто барање – исплата на августовската плата, двата синдиката протестираа на различни локации, оддалечени околу еден километар еден од друг.
Синдикалците предупредуваат дека доцнењето од 14 дена може да предизвика сериозни последици.
Од СУТКОЗ предупредуваат дека вработените за два дена може да останат и без здравствено осигурување, додека Независниот синдикат посочи дека со години не се исплаќаат додатоци како отпремнини, регрес и К-15.
Проблемот е во финансирањето – претпријатието добива околу 20 милиони денари месечно од наплатата за вода, што е двојно помалку од потребните средства за плати. Синдикатите бараат Град Скопје да плаќа по фактури за извршените работи, а иако Советот изгласал субвенции од 80 милиони денари, исплатата сè уште не е реализирана.

