
Просечната нето-плата во јуни порасна на 45.468 денари
Во јуни годинава, просечната месечна нето-плата по вработен изнесувала 45.468 денари, што претставува зголемување од 8,4 отсто во споредба со истиот период лани, соопшти денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).
Најзначително зголемување е забележано во секторите: образование, каде платите пораснале за 14,7 отсто; здравствена и социјална заштита со раст од 12,7 отсто; и рударство и вадење камен со пораст од 12,2 отсто.
Од друга страна, намалување на просечната нето-плата во однос на мај е регистрирано во секторите: финансиски дејности и осигурување (-7,5 отсто), трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (-4,3 отсто) и транспорт и складирање (-2,1 отсто).
Според ДЗС, просечната месечна бруто-плата во јуни годинава изнесувала 68.340 денари.