
ПРОФЕСОР Д-Р МАРКО АНДОНОВ: Наместо со кредити, трансформација во акционерско друштво може да обезбеди бесплатен капитал за развој на компаниите
Основната предност
од преобразбата на фирмата во акционерско друштво е можноста за пристап до бесплатен
капитал за понатамошен раст и развој на друштвото. Домашните фирми претпочитаат
да функционираат како друштво со ограничена одговорност (ДОО) и да се
финансираат преку сопствени извори или кредитирање, добро познат, предвидлив и на
нашите простори традиционално користен инструмент. Токму кредитирањето на
домашните фирми во последнава година привлече многу негативен имиџ и за
домашното стопанство. Наспроти тоа, на трансформацијата во акционерско друштво
(АД), која сама по себе носи и многу дополнителни обврски за транспарентност во
работењете, се уште се гледа како на новина со која пазарот нема или има незначително
искуство. Во овие услови една македонска компанија, СВОД МАСТЕР АД Скопје која
ја управува стриминг платформата ГЛЕЈ, го помина патот на трансформација во АД
и се подготвува да емитува нови акции за да привлече нови акционери. Со
професор д-р Марко Андонов од Универзитетот Американ колеџ Скопје разговараме
за тоа што значи да се трансформира едно друштво од ДОО во АД со цел докапитализација,
како и кои се предностите за домашните компании
кои се одлучиле на оваа форма на деловно работење.
Професоре Андонов, дали како граѓани треба
попозитивно да гледаме на трансформираните друштва?
Андонов: Генерално АД е
потранспарентна и законски поуредена форма на трговско друштво во споредба со ДОО.
Како АД друштвото ја зголемува довербата кај кредиторите, доверителите и бизнис
партнерите, но и кај потенцијалните инвеститори. АД од правен аспект се
претпоставува како постабилна форма на деловно работење, бидејќи на неговото
постоење и континуитет не влијаат фактори кои се од субјективна природа врзани
за сопствениците и менаџментот, имплементираат принципите на добро корпоративно
управување, што несомнено влијае на зголемување на угледот и рејтингот на компанијата.
Интересот на инвеститорите на берза ја одредува вредноста на акциите на друштвата.
Професоре Андонов зошто тогаш првиот избор
на инвеститорите за влегување во бизнис „водите“ е друштвото со ограничена
одговорност, што е и најчестиот облик за основање фирма?
Андонов: Основната причина за тоа е што е релативно лесна форма за основање, се
добива високо ниво на флексибилност од секој аспект на редовното работење и
функционирање, немате потреба од некој сериозен износ на капитал итн. ДОО може
да формира и управува поединец, а за да функционира непречено потребен е мал
капитал и мал број на членови. Но, секој претприемач по извесно време сака да
види дека неговиот бизнис се развил и отишол повеќе чекори напред. Значи да
напредува и да стекне адекватен капитал, како во однос на големината, така и во
однос на структурата на тој капитал. Секое друштво има можност да избере да се
финансира од туѓи или од сопствени извори на финансирање, a oптималниот избор
зависи од самото
друштво и
конкретната ситуација. ДОО не дава можност за финансирање со бесплатни, а туѓи
средства, и токму тука би се нотирала една од најголемите слабости на оваа
форма на друштво.
Професоре,
секако, промените во бизнисот се повеќе од потребни, но истовремено се
предизвик и ризик за секој кој го сака успехот. Според Вас, која е најважната,
па дури и можеби неопходна трансформација кога зборуваме за патот до успехот на
едно друштво во светот на бизнисот?
Андонов: Повеќе од јасно е
дека во текот на животот на друштвото, неговите извори на капитал и нивната
структура се важни не само за сопствениците и менаџерите на друштвото, туку и
за сите други засегнати лица, како добавувачи, клиенти, банки, вработени, итн.
Изворите на капитал на друштвото се значаен предуслов за растот на друштвото. Според
мене, најлогичната преобразба за едно друштво со ограничена одговорност е
неговата трансформација во акционерско друштво.
Зошто токму акционерско друшто?
Андонов: Поради предностите
кои ги има акционерското друштво. Главната
предност на преобразбата
на ДОО во АД е токму полесниот
пристап до капитал, односно финансирање од сопствени извори и поголема можност
за раст и развој на друштво. Не треба посебно да се истакнува дека
акционерското друштво може да прибира поголеми и на полесен начин средства од
широката јавност преку издавање на акции. Со оглед на тоа што не постои горна
граница за бројот на акционери, како што е случајот со бројот на содружници кај
друштвата за ограничена одговорност, нови акции може да бидат издадени во секое
време за неограничен број на инвеститори, а се со цел да се остварат
финансиските цели и барања на друштвото.
Од Вашите одговори јасно може да се види
дека го фаворизирате концептот АД. Може ли да го „одбраните“ овој концепт така
што ќе ни ги посочите на почетокот предностите на акционерското друштво, покрај
главната која веќе ја спомнавте?
Андонов: Едноставно е. АД
дава можност за стекнување со бесплатен капитал, а при издавањето на акциите и
при нивното стекнување од страна на заинтересираната инвеститорска јавност,
сите средства се слеваат на сметката на друштвото. Друга предност е можноста за секое АД да ги
котира своите хартии од вредност на овластена берза. Преку котацијата на
хартиите од вредност се постигнува нивна ликвидност, односно секојдневно
тргување на берзата. Берзата им овозможува на сопствениците на хартиите од
вредност во секој момент да ги продадат своите хартии од вредност и да ја
претворат својата инвестиција во готовина. Издавачите чии хартии од вредност
котираат на берза остваруваат повеќе користи од котацијата и тоа: олеснет
пристап до нов капитал со емисија на нови хартии од вредност; повисок рејтинг и
углед на друштвото, потоа зголемена ликвидност и пазарно формирање на цената на
акциите, зголемување на вредноста на друштвото и можност за дневна проценка на
вредноста на друштвото, поефикасна заштита на инвеститорите, издавачите и
малцинските акционери, поефикасно спроведување на принципите на корпоративно
управување, поедноставен пристап и до странските берзи и т.н.
Главната поента е дека
трансформацијата овозможува да котирате на берза и да ги уживате придобивките
кои ги нуди Берзата за вашиот бизнис на национално и
на интернационално ниво. Но имаат ли
акционерите одговорност и докoлку имаат дали таа е ограничена?
Андонов: Акционерите се
многу значајна карика во бизнис синџирот и прашањето за нивната одговорност е
важно да се одговори. Имено, акционерите не одговараат лично за плаќањето на
долговите на акционерското друштво, а нивната одговорност е ограничена до
висината на нивниот влог во акции. Всушност и содружниците на ДОО не одговараат
за обврските на друштвото, меѓутоа со договорот за друштвото може да се
определи сите или одделни содружници да се обврзат да дадат дополнителни
доплати над износот на влогот кога е тоа потребно за покривање на загубите или
за при времена неопходна потреба од парични средства. Дополнителните доплати не
ги зголемуваат влоговите на содружниците, како ни основната главнина на
друштвото. За разлика од ДОО каде бројот на содружници е ограничен на 50,
акционерското друштво може да има неограничен број на акционери.
Професоре Андонов што е со акциите кои се
издадени од акционерските друштва, каде е тука предноста?
Андонов: Да појаснам,
акциите издадени од акционерските друштва се слободно преносливи. Акционерот
може да ги продаде неговите акции во кое било време на кое било лице, на
овластена берза. Акциите претставуваат ликвиден финансиски инструмент, за
разлика од уделите во друштвото со ограничена одговорност за кои постојат
ограничувања при нивниот пренос. Една од предностите секако е и фактот дека АД
може да прибира финансиски средства преку издавање на акции или обврзници за да
финансира нови проекти. Акционерските друштва исто така, дел од добивката
распределуваат за резерви кои може да бидат искористени за идна експанзија. Цената
на акциите ја формира пазарот, односно, функционирајќи како акционерско друштво
секоја компанија ќе има можност да ја зголеми визибилноста на пазарот и да биде
поатрактивна за потенцијалните инвеститори. Со оглед на тоа што со акциите на
акционерските друштва се тргува на берза, ќе се овозможи ликвидност на акциите
на компанијата, а со тоа и на самата инвестиција во истата, како и пазарно
формирање на цената на акциите и на компанијата. Акционерското друштво е во
положба да преземе активности од голем обем бидејќи располага со повеќе
финансиски средства. Кога обемот на активности е голем, се намалуваат и
трошоците за купување, продажба, производство и друго. Економијата на обем му
овозможува на друштвото да произведува добра со пониски трошоци и да ги
снабдува купувачите со истите по пониска цена. Можноста за понуда на акции од
овие компании на пазарот на хартии од вредност на домашните и на странските
портфолио инвеститори, особено имајќи ги предвид актуелните околности во нашата
држава (членството во НАТО и ЕУ интегративниот процес) ќе има повеќекратни
бенефити.
Дали мислите дека трансформацијата од ДОО
во АД и котирањето на берза можат негативно да се одрзат врз довербата на
јавноста и водедно да го зголеми ризикот кај акционерите?
Андонов: Напротив, акционерските друштва известуваат и објавуваат информации за
своето работење во јавноста. Нивните финансиски извештаи подлежат на ревизија,
што придонесува акционерските друштва да имаат голема доверба од јавноста. Што
се однесува до ризикот би сакал да подвлечам дека целокупниот деловен ризик на
друштвото е
распределен на голем број акционери и на тој начин е редуциран ризикот за секој
акционер. Ниеден акционер не е задолжен
за повеќе од тоа што вложил и не одговара со својот личен имот. Оттука, не
гледам можност за зголемен ризик.
Професоре, Вие
сте одличен познавач на националното и меѓународното законодавство со кое се
третира оваа проблематика, всушност тоа е Вашето поле на истражување, каква е
регулативата во Македонија која се однесува на преобразбата за која Вие
се залагате?
Андонов: Позитивно е тоа
дека законската регулатива во Македонија овозможува преобразба на ДОО
во АД. Се разбира дека во прв ред треба да се има Законот за трговски друштва,
кој дава соодветна нормативна разработка на самиот процес на преобразба.
Акционерските друштва како правна форма се законски должни, за максимално
имплементирање на принципите на добро корпоративно управување, што несомнено ќе
влијае на зголемување на угледот и рејтингот на секоја компанија. Оттука, нема
дилеми дека е потребно максимално да се охрабрат домашните претприемачи, особено
од редот на средните и големи трговци согласно законската класификација,
сериозно да пристапат кон анализа на можноста за нивна преобразба од друштво со
ограничена одговорност во акционерски друштва.
Професоре
Андонов, дали сметате дека релевантните државни институции и бизнис чинители во
нашето општество се доволно вклучени во овој значаен концепт?
Андонов: Лично сметам дека
секогаш можеме повеќе и подобро. Сметам дека е потребно поактивно инволвирање
на стопанските комори во нашата држава, кои би им помагале на заинтересираните
компании во севкупните процеси на преобразба. Според мене значајна улога би
одиграле и Македонска берза, како и Централниот депозитар за хартии
од вредност. Секако, ќе биде неопходна и поддршка од соодветните
државни институции, при што централна улога би имала Комисијата за хартии од
вредност.
За крај, верувате ли дека преобразбата во
акционерско друштво носи бенифит за сите кои се вклучени во еден бизнис процес?
Андонов: Јас сум убеден
дека придобивките ќе бидат големи за сите инвловирани страни, но уште еднаш би
сакал да нагласам дека неопходно е здружено и координирано делување на сите
наведени чинители заради постигнување на основната цел, а таа е да бидеме
сведоци на што е можно поголем број на преобразени и отворени компании кон
јавноста во Македонија.

