МАКЕДОНИЈА Е ЛИДЕР ВО РЕФОРМИТЕ ВО РЕГИОНОТ Тоа се гледа по испорачаните средства за пензиите, за општините и за инфраструктурата
Македонија е лидер меѓу земјите од регионот според реализацијата на Реформската агенда, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
Според него, земјата има најмногу средства што се испорачуваат врз основа на спроведените реформи.
– Лидери сме во Реформската агенда од сите земји во регионот и имаме најмногу средства што се испорачуваат врз основа на реформите што сме ги спровеле – рече Петрушевски во поткастот „Претрес со Ландов“.
Тој како еден од резултатите на Владата го издвои и зголемувањето на пензиите.
Петрушевски потсети дека предизборното ветување било линеарно зголемување од 5.000 денари, а досега, како што рече, се испорачани вкупно 7.000 денари.
– Не смее да се заборави дека оваа Влада вети 5.000 денари линеарно зголемување на пензиите, испорача 7.000. Сè уште треба да се работи, меѓутоа е многу подобро од она што било претходно, кога пензиите биле зголемувани за 300, 400 или 500 денари – рече Петрушевски.
Пратеникот се осврна и на парите што Владата ги насочува кон општините.
Според него, станува збор за уште едно предизборно ветување што веќе се реализира.
За 2 години, како што наведе, кон општините се испорачани вкупно 500 милиони евра.
– По 250 милиони евра годишно за општините, за 2 години веќе се испорачани 500 милиони евра – рече Петрушевски.
Тој најави дека општините веќе ги подготвуваат проектите за следниот повик на Владата.
Со тоа, според него, ќе бидат обезбедени дополнителни средства за реализација на нови локални проекти.
– Верувам дека ќе го подобриме животот на многу голем број граѓани – рече Петрушевски.
Како уште еден сегмент во кој се инвестира, тој ја издвои инфраструктурата.
Според Петрушевски, во моментов во Македонија се градат 6 автопати, како и повеќе други патишта.
– И инфраструктурата, 6 автопати што се градат во моментот и многу други патишта ги имаме – рече Петрушевски.
.
Извор: plusinfo.mk