
Пристигнаа компресивните костуми за повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ – прва пратка предадена во Кочани
Организацијата „Супорт Кочани“ денеска ја презеде првата пратка со компресивни костуми наменети за повредените лица од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Костумите се испорачани од специјализираната компанија „Хелт2000“ од Бугарија, а на примопредавањето присуствуваа и претставници на германскиот производител „Јузо“.
Компресивните костуми се од исклучително значење за пациентите со тешки изгореници и трансплантирана кожа. Според „Супорт Кочани“, ваквиот вид облека обезбедува постојан притисок врз зафатените делови од телото, спречувајќи деформации, трајни оштетувања и инвалидитет. Особено е важно носењето на овие специјални медицински костуми за заштита на нервните завршетоци и одржување на виталните функции во делови како што се прстите, зглобовите и екстремитетите.
„Без овие костуми, некои од повредените се изложени на сериозен ризик од компликации и долготрајни последици“, соопштија од организацијата, нагласувајќи дека ова е само првиот чекор од пошироката акција за обезбедување неопходна медицинска помош за повредените.
„Супорт Кочани“ најавува дека следуваат нови пратки и додатна поддршка за пациентите, во соработка со меѓународни партнери и донатори.