
Преживеан со преврзана глава дојдe во „Идризово“ очи в очи со Деко
Главната расправа за трагедијата во „Пулс“ започна со изјаснување на оштетените, а глетката во судницата беше болно потсетување дека последиците од кобната ноќ се сѐ уште живи.
Еден од оштетените пред судскиот совет се појави со преврзана глава, сѐ уште лекувајќи ги тешките повреди здобиени во пожарот. Тој пред судот изјави дека се приклучува кон кривичниот прогон на обвинетите, но истакна дека оштетното побарување ќе го остварува во граѓанска постапка.
Ова беше момент на тешка тишина во судницата, бидејќи за првпат преживеаните се сретнаа очи в очи со првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката.
Оштетениот со завои е само еден од вкупно 222 повреди лица (157 со тешки телесни повреди и 65 со телесни повреди) кои таа ноќ се бореа за живот во стампедото и пламените јазици.
Обвинителството најави дека во дополнение на доказната постапка ќе приложат и дополнителни докази од медицинска документација кои пристигнале подоцна или пак се преведувале во меѓувреме.

