
Претреси во домот на судијата Ѓоко Ристов
Попладнево се спроведуваат претреси кај судијата Ѓоко Ристов, кој суди во Апелациониот суд во Скопје. Информацијата e потврдена од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, од каде наведуваат дека акцијата се спроведува по наредба на јавен обвинител и со дозвола на Основниот кривичен суд Скопје.
Според неофицијални сознанија, предметот се однесува на сомневања за злоупотреба на судиската функција. Конкретната правна квалификација засега не се соопштува, бидејќи претресите сѐ уште траат. Неофицијално, полициските екипи влегле во домот на судијата.
Името на Ристов претходно беше поврзувано со случајот во кој е опфатен Фехми Стафа, поранешен народен правобранител кој е во притвор поради сомневање дека примил 50.000 евра мито. Според неофицијални информации, претресите кај Ристов произлегуваат од истиот предмет.
Како што соопшти Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50.000 евра со цел да посредува и да влијае врз судија во Апелација во врска со предмет што се однесувал на негов клиент. Непосредно по примањето на парите, Стафа бил уапсен, а кај него биле пронајдени и одземени банкнотите.
Лицето за кое, според обвинителските наводи, Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, од случајот „Синџир“.
Од Обвинителството најавуваат дека по завршување на претресите ќе следуваат официјални информации за понатамошниот тек на постапката.
