
ПРАЗНИЧНА МАГИЈА И ВО ЗАТВОРОТ ВО ОХРИД: Поделени новогодишни пакетчиња за осудениците
Во духот на хуманоста и солидарноста, Казнено-поправната установа Затвор-Охрид денеска организираше доделување на новогодишни пакетчиња за осудените лица.
Оваа активност, која веќе стана традиционална, има за цел да внесе позитивна енергија и празнична атмосфера во установата, потсетувајќи на важноста на човековото достоинство дури и во специфични услови.
Од Управата за извршување на санкции истакнуваат дека ваквите иницијативи се клучен дел од процесот на ресоцијализација. Преку искажување внимание и грижа, се влијае на подобрување на психолошката состојба на осудениците и нивно полесно вклучување во општествените текови по отслужувањето на казната.
Акцијата беше реализирана во соработка со хуманитарниот проект „Пакетчиња за сите дечиња“, предводен од активистот Виктор Крстаноски (Wik Kakarotski). Донираните пакетчиња се симбол на заедничката поддршка од локалната заедница и граѓанскиот сектор за лицата кои се наоѓаат во казнено-поправните домови.
