
Пратениците од Европскиот парламент предупредени да не пијат флаширана вода
Членовите на Европскиот парламент во Стразбур во четвртокот беа предупредени да не пијат вода од шишиња што се делат во дебатната сала, поради сомневање за контаминација откако неколку лица се разболеле.
„Од вас се бара да не пиете од ниту едно шише вода во просториите на ЕП во Стразбур“, се наведува во итна СМС порака испратена до илјадници вработени и политичари, пренесува Политико.
СМС обезбедува и итен медицински број за контакт „во случај на изложеност“ и рече дека шишињата биле дистрибуирани и во канцелариите на претседателката Роберта Мекола во четвртокот.
Прес-службата на Европскиот парламент соопшти дека француските власти се информирани.
„Проверките се во тек“, напишаа од прес-службата, истакнувајќи дека пораката е испратена како мерка на претпазливост.
Официјален претставник на ЕУ рече дека на голем број луѓе им се слошило откако ја испиле флашираната вода, веројатно поради лошо измиено стаклено шише, но дека се опоравиле.
„Добро е што останав на виното“, рече еден претставник на ЕУ.
Зградата во Стразбур долго време има проблеми со безбедноста на водата за пиење, но најчесто од чешмите.
