
ПОЖАРОТ ВО ТРУБАРЕВО ПОД КОНТРОЛА, НО ГУСТ ЧАД СÈ УШТЕ СЕ ШИРИ: Продолжуваат активностите за целосно гаснење
Пожарот што избувна во атарот на скопското село Трубарево е ставен под целосна контрола и веќе нема активно горење, соопштија надлежните служби. Сепак, од опожарената површина сè уште се издига густ чад, кој се пробива низ земјата и песокот со кои се покрива жариштето.
Според информациите од терен, активностите за целосно ликвидирање на пожарот продолжуваат. Во текот на денот ќе се работи на дозатрупување на преостанатиот дел од опожарената површина со цел целосно да се спречи емисијата на чад.Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во кратка видео изјава од самото место најави дека во текот на денот ќе бидат соопштени повеќе детали за овој пожар, како и за планираните активности на дивата депонија Вардариште.
Овој инцидент е трет еколошки проблем од ваков тип за скопскиот регион во изминативе десетина дена, по пожарот на депонијата Вардариште и ширењето на непријатна миризба од Дрисла, кои предизвикаа голем револт кај граѓаните.