
„Повредата на данскиот скијач не се случи на патека под наша надлежност“, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
На 16.02.2026 во 14:50 часот во СВР Тетово е пријавено дека на Попова Шапка, кај местото викано „Церипашина“, екипа од друштво за спортски и други услуги со специјално возило во 16:10 часот го пронашла лицето Ф.М.Л. (24) од Данска, кој бил повреден од снежна лавина додека скијал.
По овој настан, се огласија и од ски центарот Попова Шапка од каде велат дека повредата не се случила на официјална патека администрирана од нив.
„Ве информираме дека вчера еден скијач од Данска се здоби со повреда за време на неговиот престој во зоната позната како патеката „Церипашина“.
Ја информираме јавноста дека повредата не се случила на официјална патека администрирана од Ски Центарот, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не беше во функција поради силни ветрови и неповолни временски услови. Наведениот скијач бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од Ски Центарот.
Нагласуваме дека Ски Центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки.
Сепак, без оглед на околностите, веднаш по добивањето на информацијата, нашата спасувачка единица излезе на терен за да ја обезбеди потребната помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Безбедноста на нашите посетители останува наш врвен приоритет. Му благодариме на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција“, велат од ски центарот.
