
Поставени термални камери и зголемени патроли на „Дрисла“
По големиот пожар кој избувна на депонијата „Дрисла“ на 9 септември, поставени се термални камери за следење на движења на можни сторители кои би се обиделе намерно да потпалат, а истовремено зголемен е и бројот на полициски патроли.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, денеска изјави дека состојбата се следи 24 часа и се преземаат дополнителни мерки за спречување на нови инциденти.
„Вчера изработивме два пристапни патишта низ заезерувањето од отпадни води, длабоко околу 1,5 метар, кое претходно нѐ спречуваше да стигнеме до местото каде се случува чадењето. Денеска на терен имаме максимален број на багери и булдожери кои чистат и затрупуваат. Очекувам до крајот на денот добар дел од ова жариште да биде целосно покриено,“ изјави Ангелов.
Тој најави и дополнителна механизација за да може да се отвори поширок фронт за работа и побрзо справување со чадењето кое со денови создава магла и непријатен мирис што се чувствува низ половина Скопје.