
Поставени 30 уреди за мерење бучава на најфреквентните локации во Центар
Општина Центар ја заокружи поставеноста на вкупно 30 уреди за мерење на бучавата на територијата на општината, информира градоначалникот Горан Герасимовски. Како што посочува, уредите се поставени на најфреквентните локации со цел поефикасно следење на нивото на амбиенталната бучава.
Според Герасимовски, врз основа на податоците добиени од овие уреди, општинските инспекциски служби вршат редовни контроли на терен. Тој нагласува дека уредите не снимаат ниту препознаваат гласови, туку ја мерат исклучиво амбиенталната бучава изразена во децибели и фреквенцијата на звукот, што овозможува побрза и поефикасна реакција на надлежните служби.
Податоците од уредите служат како индикатор за дополнителни проверки, додека санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија, во согласност со законската регулатива.
Фокусот на контролите, како што наведува градоначалникот, е насочен кон бучавата што произлегува од угостителските објекти и сообраќајот, со цел заштита на јавниот мир и унапредување на квалитетот на живот на жителите на Општина Центар. Герасимовски истакнува дека општината работи системски и транспарентно, при што интересот на граѓаните останува врвен приоритет.
