
Поранешниот министер Спиро Ристовски раководи бизнис со меѓународен транспорт
Поранешниот министер за образование, како и министер за труд и социјална политика, Спиро Ристовски како нов сопственик го презеде под свое водство фамилијарниот бизнис со компанијата за меѓународен транспорт „Еуро Линес“ Скопје.
– Тоа е семејна фирма во која седум години работам, поточно откако завршив да ја извршувам својата функција. Од приватни семејни причини решивме да направиме структурни промени и јас да бидам тој што ќе го води бизнисот, ни изјави Ристовски.
„Еуро Линес“ е основана во 1995 година и од самиот почеток, како што пишува на веб-страницата на фирмата, е лиценцирана за вршење на меѓународен и домашен товарен транспорт со распространетата мрежа на соработници во земјата и странство.
– Ние немаме своја шпедиција или складишта, туку единствено посредуваме за клиентите и го организираме тоа што им треба за транспортот, кој може да биде и поморски и воздушен преку наши контакти. Од имот имаме само два транспортери, а другото го пронаоѓаме по потреба. Услугите се главно насочени добро да се организира увозот или извозот, а превезуваме секаква комерцијална стока, но најмалку храна, вели поранешниот функционер во владата на Никола Груевски.

Минатата година оваа фирма остварила приходи од околу 250.000 евра, а редовно ангажирала тројца работници кои се воделе како вработени.
Ристовски беше осуден на шест години и три месеци затвор од Кривичниот суд Скопје,за случајот „Организатори на 27 април”, а едно време мина во куќен притвор до почетокот на 2022 година. Европскиот суд за човекови права во Стразбур годинава донесе пресуда во која се посочува дека на Ристовски неоправдано му бил продолжуван домашниот притвор за случајот „27 април“.
Во 2019 за овој случај беше спроведен во притвор. Ристовски вели дека е член на ВМРО-ДПМНЕ, но дека не извршува партиски одговорности. Тој и натаму ја чека конечната одлука од повторното судење и тврди дека судскиот процес не го спречува да води бизнис активности како одговорно лице.
А.К.
